Поранешниот турски второлигаш Тургутлуспор привлече големо внимание во европската фудбалска јавност со потегот што го направи откако за нов тренер на машкиот сениорски тим ја назначи 22-годишната Зејнеп Местан.
За младата тренерка ова ќе биде првиот сериозен предизвик во кариерата, а задачата воопшто нема да биде лесна. Целта на клубот е да се врати во професионалните рангови на турскиот фудбал.
Местан го потпиша договорот во клупските простории и со тоа стана првата жена која ќе го предводи машкиот тим на Тургутлуспор. Таа зад себе има кратка фудбалска кариера како играч, а сега добива можност да се докаже во тренерските води.
„Во согласност со процесот на реструктуирање и целите на клубот за новата сезона, постигнавме договор со Зејнеп Местан да биде главен тренер“, соопштија од Тургутлуспор.
Од клубот додаваат дека од младата тренерка очекуваат да биде дел од новиот организациски и технички развој на тимот.
„На Зејнеп Местан, која ќе го предводи новиот процес на организациско и техничко реструктуирање, ѝ посакуваме многу успех под нашиот црвено-црн грб. Се надеваме дека оваа нова ера ќе биде успешна за нашата заедница, клубот и сите наши навивачи“, се наведува во соопштението.
Тургутлуспор моментално се натпреварува во четвртиот ранг на турскиот фудбал. Во својата историја двапати беше дел од втората лига, а на почетокот на овој век бил многу блиску и до пласман во највисоката турска лига.
Местан веќе откри и кои тренери ѝ се најголема инспирација.
„Во европскиот фудбал мој пример е Пеп Гвардиола, додека во Турција го следам на Серген Јалчин“, изјави 22-годишната тренерка.