Македонските прволигаши за првпат ќе имаат свои делегати во Собранието на ФФМ

by Стефан
1 минути читање

Денеска во просториите на ФФМ се одржа работна средба на претседателот Масар Омерагиќ со претставници на клубовите, кои беа информирани дека во иднина ќе имаат свои делегати во Собранието на федерацијата.

Станува збор за промена која досега не била практикувана во македонскиот фудбал. За првпат клубовите директно ќе можат да учествуваат во работата на највисокото тело на ФФМ, но и да предлагаат решенија, идеи и иницијативи, како и отворено да ги посочуваат проблемите со кои се соочуваат.

Досега клубовите своето влијание во Собранието го остваруваа преку општинските фудбалски сојузи, па директното учество претставува значаен исчекор.

„Јас не се кријам зад Федерацијата, а не треба ниту клубовите да се кријат зад соопштенија. Сè што сметаат дека треба да се подобри, сите предлози и идеи, можат директно преку органите на Федерацијата да ги предложат и достават. Само со отворена комуникација можеме да дојдеме до вистински решенија“, порача Омерагиќ.

На состанокот значаен дел од разговорите бил посветен и на инфраструктурата, како и на условите во кои клубовите ги одигруваат натпреварите.

Од ФФМ било посочено дека федерацијата не може самостојно да ги покрие сите инфраструктурни потреби на клубовите. Притоа било укажано и на состојбата со средствата наменети за инфраструктура, од кои, според информациите презентирани на состанокот, претходното раководство во последните два месеца искористило околу пет милиони евра за два проекти.

„Потребна е коректна и партнерска релација меѓу Федерацијата и клубовите. Ние како ФФМ ќе направиме сè што е во наша можност и што сметаме дека е потребно за да го подигнеме нивото на натпреварувањето“, било истакнато на средбата.

Работните состаноци од ваков тип досега не биле редовна практика, а клубовите ја поздравиле идејата тие да продолжат и во иднина. Целта е комуникацијата меѓу ФФМ и клубовите да биде подиректна, поотворена и почеста.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×