Една од најголемите ѕвезди на Мароко поради селекторот веќе нема да игра за репрезентацијата

by Стефан
1 минути читање

Една од најголемите ѕвезди на мароканскиот фудбал, Софијан Амрабат, донесе одлука да не настапува за националниот тим додека на селекторската функција е Мохамед Уахби.

Фудбалерот својата одлука ја објави преку социјалните мрежи, но јасно стави до знаење дека не станува збор за дефинитивно збогување со репрезентацијата. Амрабат само порача дека нема да го носи дресот на Мароко додека Уахби е селектор.

„Да го претставувам Мароко беше најголемата чест во мојата кариера. Од првиот повик пред 12 години, секогаш го давав максимумот за својата земја и со огромна гордост го носев репрезентативниот дрес. Љубовта кон Мароко и кон националниот тим никогаш нема да се промени“, порача Амрабат.

Потоа следуваше неговата одлука која предизвика големо внимание во јавноста.

„Не беше лесно да ја донесам оваа одлука, но во моментов не чувствувам дека можам да продолжам да играм за репрезентацијата под актуелниот селектор. Поради тоа, нема да бидам на располагање додека тој ја извршува својата функција“, додаде фудбалерот.

Амрабат не откри детали за причините за несогласувањето со Уахби. Мароканскиот стратег ја презеде репрезентацијата во март, по заминувањето на Валид Реграги.

„Од почит кон репрезентацијата и кон сите кои се дел од неа, решив причините за мојата одлука да ги задржам за себе“, објасни Амрабат.

Тој дебитираше за Мароко пред 12 години и во изминатиот период прерасна во еден од клучните фудбалери на националниот тим. Неговата одлука претставува сериозен удар за репрезентацијата, но остава отворена можност за негово враќање доколку дојде до промена на селекторската позиција.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×