Младиот дефанзивец на Реал Мадрид, 23-годишниот Раул Асенсио се најде во центарот на вниманието поради проблеми со законот.
Во средината на минатиот месец, полицијата на Канарските Острови го запрела фудбалерот додека управувал со своето „Порше“ во видно алкохолизирана состојба. При направениот тест било утврдено дека имал дури 1,9 промили алкохол во крвта, што е речиси четири пати над дозволената граница во Шпанија, која изнесува 0,5 промили.
Поради тешкиот сообраќаен прекршок, Асенсио неодамна бил казнет со 14.400 евра, а покрај финансиската санкција му била одземена и возачката дозвола во период од осум месеци.
Иако минатата сезона имаше значајна улога во тимот и запиша 34 настапи, два гола и една асистенција, неговата иднина сега е сериозно доведена во прашање. Причината е тоа што сообраќајниот прекршок е само еден од правните проблеми со кои се соочува младиот фудбалер.
На 4 и 7 септември треба да продолжи судскиот процес во кој Асенсио е обвинет за сериозно кривично дело поврзано со сексуални материјали во кои се вклучени малолетни лица. Случајот датира од пред три години, кога Асенсио, заедно со уште тројца фудбалери од младинскиот погон, наводно снимал споделувал интимни материјали поврзани со најмалку две малолетни девојки.
Доколку судот ги прифати барањата на обвинителството, секој од обвинетите фудбалери би можел да добие затворска казна од четири години и седум месеци.