Поранешниот шпански репрезентативец Сусо реши да стави крај на својата играчка кариера, но нема целосно да се раздели од Кадиз.
Клубот од Андалузија соопшти дека искусниот офанзивец повеќе нема да биде дел од играчкиот кадар, но од октомври ќе добие нова функција. Сусо ќе биде институционален претставник на Кадиз, откако во изминатиот период ја носеше капитенската лента.
Неговата епизода во Кадиз траеше само една сезона. Сусо минатото лето се врати во клубот од својот роден град со желба да помогне во остварувањето на амбициите за враќање во Примера.
Токму во младинската школа на Кадиз ги направи првите фудбалски чекори, но уште како тинејџер замина во Англија и се приклучи на Ливерпул. Таму го запиша и своето сениорско деби, а потоа настапуваше и на позајмица во Алмерија.
Во 2015 година следуваше трансфер во Милан, а една сезона помина и во Џенова. Потоа се врати во Шпанија и потпиша за Севиља, каде што остави значаен белег. За сениорската репрезентација на Шпанија запиша пет настапи, додека со селекцијата до 19 години во 2012 година стана европски шампион.