Голем потрес во фудбалскиот клуб Партизан, раководството на клубот излезе со соопштение во кое најави коренити промени по очајните резултати на почетокот од сезоната.
Промените ќе се случат по натпреварот против Хетафе. Тренерот Саша Илиќ веќе си поднел оставка, но бил замолен да го води тимот и на мечот против шпанскиот клуб, исто е и со управата на Партизан која ја презема одговорноста и заминува.
„По повод актуелната ситуација и резултатите во домашното првенство, се одржа состанок на кој присуствуваа претседателот на Фудбалскиот клуб Партизан, Расим Љајиќ, генералниот директор Данко Лазовиќ, спортскиот директор Радосав Петровиќ и шефот на стручниот штаб Саша Илиќ.
Управата на Партизан презема целосна одговорност за остварените резултати. Во согласност со претходно јавно преземената обврска, управата одлучи поднесувањето оставки да не го условува со исходот на уште еден натпревар. Затоа, членовите на управата, веднаш по натпреварот против Хетафе, ќе поднесат оставки без оглед на неговиот резултат.
Седницата на Собранието на ФК Партизан ќе се одржи во периодот од 21 до 25 септември, за време на првата репрезентативна пауза, кога ќе се одлучува за изборот на органите на клубот и за идното раководење со клубот. Точниот датум на седницата ќе ѝ биде навремено соопштен на јавноста. До одржувањето на Собранието ќе биде обезбедено непречено функционирање на ФК Партизан, во согласност со Статутот на Клубот.
Саша Илиќ по натпреварот во Лучани донесе одлука да поднесе оставка од местото шеф на стручниот штаб. На молба на раководството, исклучиво од чувство на одговорност кон Партизан и свесен за значењето на претстојниот меч, прифати да ја предводи екипата против Хетафе. По завршувањето на тој меч ќе поднесе оставка, независно од исходот на натпреварот.
До натпреварот против Хетафе, обврска на сите во клубот е да направат сè што е во нивна моќ за екипата да оствари резултат од исклучително значење за продолжението на сезоната и иднината на Партизан.
Ги повикуваме навивачите на Партизан да бидат покрај екипата, да ѝ дадат силна поддршка од првата до последната минута и да покажат единство тогаш кога му е најпотребно на клубот.
Пред нас е натпревар во кој сите мора да бидеме на иста страна – на страната на Партизан“, стои во соопштението на црно-белите.