Францускиот фудбалер од средниот ред Пол Погба повторно остана без клуб откако го раскина договорот со Монако.
Погба минатата година потпиша двегодишна соработка со Монако, надевајќи се дека ќе успее да ја оживее кариерата која му беше сериозно нарушена поради честите повреди, но и суспензијата за допинг. Минатата сезона одигра само шест натпревари, а на пет од нив влезе во игра од клупата.
„Имајќи предвид дека првично поставените цели беа само делумно исполнети, Монако и Пол Погба, во пресрет на првиот натпревар од новата сезона, одлучија да го раскинат договорот кој важеше до јуни 2027 година“, соопшти францускиот клуб.
Погба во текот на изминатиот период имаше сериозни проблеми со враќањето во посакуваната физичка форма, а неодамна повторно се повреди, овојпат на тетивата.
„Монако е извонреден клуб. Иако не одиграв онолку натпревари колку што се надевав, секогаш ќе бидам благодарен за дадената можност“, изјави 33-годишниот Французин.
Монако минатата сезона ја заврши на седмото место во француското првенство.
На врвот од својата кариера, Погба стана светски шампион со Франција во 2018 година. За репрезентацијата собра 91 настап и постигна 11 голови.
Само две години претходно, тој стана најскапиот фудбалер во историјата, откако Манчестер јунајтед плати 105 милиони евра за неговото враќање од Јувентус. По повеќе од две години пауза, Погба се врати во професионалниот фудбал во ноември 2025 година. На 22 ноември влезе во игра од клупата на натпреварот против Рен.
Французинот немаше настап од септември 2023 година, кога беше позитивен на допинг-тестот за тестостерон како фудбалер на Јувентус. Првично доби четиригодишна суспензија, но казната подоцна му беше намалена на 18 месеци.
Погба тврдеше дека забранетата супстанција ја внел во организмот по грешка, преку додаток во исхраната.