Шкендија вечерва на Арената „Тодор Проески“ го игра реваншот против шкотски Хибернијан во рамките на квалификациите во Конференциската лига со задача да ја анулира негативата од 2-1 од првиот натпревар.
Тетовци пред своите навивачи ќе мора да слават со најмалку два гола разлика доколку сакаат директен пласман во плеј-офот, додека победа со еден гол би значела продолженија.
Тренерот Артим Положани на вчерашната прес-конференција посочи дека триумфот над Вардар во домашното првенство позитивно влијаел врз атмосферата во тимот. Шефот на стручниот штаб нагласи дека по напорната недела, во која Шкендија играше и во Шкотска и против Вардар, екипата е подготвена да го даде максимумот за пласман понатаму.
„Зад нас е тешка недела, имавме тежок натпревар во Шкотска, па игравме со Вардар во првенството. Среќни сме што победивме пред реваншот. Се обидовме и да поштедиме неколку фудбалери, а утре сакаме да победиме и да одиме во плеј-офот“, изјави Положани на вчерашната прес-конференција.
Шкендија досега успешно ги мина првите две европски пречки. Прво со убедливи 6-0 ја елиминира Европа од Гибралтар, а потоа беше подобра и од Браво. И против словенечкиот тим тетовци прво загубија на гости со 2-1, но во реваншот славеа со 3-1 и со вкупни 4-3 обезбедија пласман во следната рунда.
Сега пред Шкендија е нова задача пресврт против Хибернијан за пласман во плеј-офотт.