Шкендија денеска ја одржа официјалната прес-конференција пред утрешниот реванш против Хибернијан во рамките на европските натпревари. Дуелот ќе се игра на Националната арена „Тодор Проески“, со почеток во 20:00 часот.
Тетовци на првиот натпревар во Шкотска претрпеа минимален пораз од 2-1, но прикажаа добра игра и покажаа дека можат рамноправно да се носат со шкотскиот тим.
Пред медиумите зборуваше тренерот Положани, кој истакна дека зад тимот е напорен период, но дека победата над Вардар дополнително ја подигнала атмосферата во екипата.
„Зад нас е тешка недела, имавме тежок натпревар во Шкотска, па игравме со Вардар во првенството. Среќни сме што победивме пред реваншот, се обидовме и да поштедиме неколку фудбалери, секако дека утре сакаме да победиме и да одиме во плеј-офот“, изјави Положани.
На прес-конференцијата зборуваше и Александер Трумчи, кој верува дека Шкендија има квалитет за позитивен резултат и пласман во следната фаза.
„По победата над Вардар, атмосферата е на повисоко ниво, но веднаш по тој дуел се фокусиравме на подоготовките за Хибернијан. Игравме добро во Шкотска и заслуживме подобар резултат, се надевам дека утре ќе бидеме на највисоко ниво и ќе дојдеме до позитивен резултат“, истакна Трумчи.