Кавадаречкиот тим одигра уште еден убедлив натпревар, Тиквеш го преслуша и тимот на Башкими давајќи му пет голови, конечниот резултат беше 5-0.
Откако во првото коло го растури Арсими со 5-1, Тиквеш денеска му одржа лекција и на Башкими кој одигра уште еден лош натпревар и доживеа и втор тежок пораз.
Пред ова коло Башкими потпиша дури со десет нови фудбалери, но ќе треба време додека тие се воиграат и покажат нешто. Таквиот момент го искористи Тиквеш и ги освои трите бода.
Башкими се држеше повеќе од половина час, во 36. минута Виздом постигна гол за водство на Тиквеш, а шест минути подоцна Лавал зголеми на 2-0. Тоа беше резултатот по првото полувреме.
Во 72. минута Лавал даде уште еден гол, зголеми на 3-0, веќе беше јасно каде ќе завршат бодовите од овој натпревар.
Ренатињо следен ја затресе мрежата на Башкими, но неговиот гол беше поништен поради офсајд во зачетокот од акцијата.
Веќе во следната минута по поништениот гол, Попзлатанов постигна погодок за 4-0, а конечните 5-0 ги постави Ацковски на две минути пред крајот на мечот.
Тиквеш има старт од соништата на новата сезона.