Зинедин Зидан и официјално е нов селектор на Франција, а по потврдата од Француската фудбалска федерација легендарниот Французин ја изрази својата гордост што ќе ја предводи националната селекција.
Зидан, кој го наследува Дидие Дешан на клупата на „триколорите“, порача дека функцијата селектор за него претставува најголема чест и истакна дека со нетрпение го очекува новиот предизвик.
„Често сум кажувал дека нема ништо поголемо од француската репрезентација. Затоа ова е огромна чест и голема гордост за мене. Воедно, ова е и голема одговорност. Му благодарам на претседателот Филип Дијало, на Извршниот комитет и на Француската фудбалска федерација за довербата. Сакам да им оддадам признание и на Дидие Дешан и неговиот стручен штаб за 14-те години работа. Денес мислам и на сите мои тренери кои оставија белег во мојата кариера. Нема потреба да нагласувам дека имам големи амбиции со француската репрезентација“, изјави Зидан.
Легендарниот Французин и официјално ќе ја преземе функцијата на 1 август, а своето деби на клупата на Франција ќе го има во септември, кога „триколорите“ ќе ги одиграат првите натпревари во новото издание на Лигата на нациите.