Италијанската фудбалска федерација сè уште нема избрано нов селектор, а по неуспешните обиди да ги убеди Пеп Гвардиола и Карло Анчелоти да ја преземат репрезентацијата, изборот сега е сведен на две добро познати имиња – Антонио Конте и Роберто Манчини.
Во меѓувреме пропадна и можноста Андреа Пирло да седне на клупата на „аѕурите“, откако неговата кандидатура наишла на пречки поради рекламирање на руска обложувалница.
И Конте и Манчини веќе имаат селекторско искуство со Италија. Конте ја водеше репрезентацијата од 2014 до 2016 година, по што замина во Челси веднаш по Европското првенство. Манчини, пак, беше селектор од 2018 до 2023 година и ја одведе Италија до европската титула на ЕП 2020. Сепак, неговиот мандат остана во сенка на неуспехот да обезбеди пласман на Светското првенство во Катар, откако Италија беше елиминирана од Македонија во баражот.
Неизвесноста околу изборот на нов селектор продолжува, а кризата во италијанскиот фудбал доби нова димензија откако Паоло Малдини и Леонардо поднесоа оставки на своите функции во Италијанската фудбалска федерација.