Реваншот против Рига е последната шанса за Вардар да ја продолжи европската сезона, а капитенот Азер Омерагиќ верува дека македонскиот претставник има квалитет да ја надомести негативата од 2-3 од првиот натпревар во Скопје. Вардар ќе мора да слави на гостински терен за да остане во игра за пласман во следното квалификациско коло на Конференциската лига.
Омерагиќ порача дека двомечот сè уште не е решен и потенцира дека дисциплинираната игра и почитувањето на тактичките задачи ќе бидат клучни за успехот.
„По натпреварот во Скопје, ни следи реваншот во Рига. Ништо не е готово затоа што ни следи второ полувреме со ривалот. Ќе се бориме на терен, ќе играме за дресот и боите на Вардар, сакаме добро европско издание. Ако функционираме добро тактички и без грешки и ако ги следиме советите на тренерот од тренинзите, можеме до позитивен резултат за нас во Рига“, изјави Омерагиќ.
Црвено-црните утре од 19:00 часот ќе гостуваат во Летонија, каде ќе се обидат да обезбедат пласман во следната рунда од квалификациите за Конференциската лига.