Премиер лигата може да воведе правило со кое ќе го спречи „крадењето“ време на голманите

by Стефан
1 минути читање

Англискиот фудбал се подготвува за воведување на ново правило кое би можело да стави крај на таканаречените „тактички тајм-аути“ и злоупотребата на лекарските паузи од страна на голманите.

Според новите насоки, доколку главниот судија дозволи медицинскиот тим да влезе на теренот за да му укаже помош на голманот, тренерот на таа екипа ќе има само 10 секунди да одреди еден играч од поле кој привремено ќе го напушти теренот.

Избраниот фудбалер ќе мора да остане една минута надвор од игра, што значи дека неговиот тим во тој период ќе игра со играч помалку, додека на голманот му се укажува помош.

Новото правило предвидува и санкција за непочитување. Доколку тренерот не назначи играч во рок од 10 секунди, капитенот на тимот автоматски ќе мора да го напушти теренот на една минута.

Оваа мерка е директен одговор на сè почестата практика во современиот фудбал, кога голманите без вистински физички контакт или повреда легнуваат на тревникот во моменти кога противникот има иницијатива.

На тој начин тренерите добиваа можност за мини тајм-аут да им дадат дополнителни инструкции на своите играчи и да го прекинат ритамот на противничката екипа.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×