Почнува новата фудбалска сезона во Првата лига!

by riste
2 минути читање

Со денешниот натпревар меѓу Тиквеш и Арсими од 17 часот стартува новата сезона во Првата македонска фудбалска лига која оваа сезона е со десет екипи.

Оваа сезона стартува порано од вообичаеното бидејќи ќе се играат 36 кола — со 10 екипи и по четирикружен систем, во кој секој со секого ќе игра по два пати на домашен и на гостински терен.

Се очекува нова фудбалска битка за титулата помеѓу Вардар и Шкендија, додека Силекс и Струга ТЛ се фаворити за врвот од сенка. Тоа се четирите тима кои, се чини, ќе го водат главниот збор за шампионскиот пехар и за местата кои водат во Европа идната сезона.

Вардарци лани успеаја да ја освојат титулата, иако во еден момент беа стигнати од нивниот најголем ривал Шкендија. Двата тима добија нови тренери и освежувања во играчките редови, па со нови сили тргнуваат во напад на трофејот. Двете екипи веќе ги одиграа првите натпревари во Европа, каде што можеше да се види со каков играчки кадар располагаат. Вардарци се на „аргентински погон“ со Кристијан Фабијани како предводник и неколку „Гаучоси“ во своите редови. Од друга страна, Шкендија дополнително се засили со Марко Ѓорѓиевски и Јован Манев, па со Артим Положани на клупата ќе се обиде да го врати шампионскиот пехар во Тетово.

Силекс го задржа тренерот, но има мали промени во играчкиот кадар. Кратовци исто така влегуваат во првенството со шампионски амбиции, иако го загубија репрезентативецот Дарко Додев, кој направи трансфер во Казахстан, како и Пиреш, кој замина во Вардар — двајца од нивните најдобри играчи минатата сезона. Исто така, ќе биде интересно да се види како ќе функционира Струга ТЛ без својот најдобар стрелец од изминатата кампања, Басиру Компаоре.

Нов предводник има и Тиквеш во името на Оливер Богатинов, кој денеска го отвора шампионатот во дуелот со Арсими. Гостите, пак, го надополнија играчкиот кадар со неколку проверени имиња, пред сè со Ибрахим Олаосебикан, кој дојде од Вардар како позајмен играч.

Интересна ќе биде и битката за опстанок во ПМФЛ. Башкими, Скопје, Брегалница и Шкендија Арачиново се очекува да бидат тимовите кои ќе ја водат оваа борба за останување во „елитата“. Сите четири екипи претрпеа доста промени во играчкиот кадар за новата сезона, па за нив секој бод ќе биде драгоцен во остварувањето на целта.

Голем дел од натпреварите ќе можете да ги следите на ТВ Арена Македонија, почнувајќи од денешниот дуел помеѓу Тиквеш и Арсими. Освен мечевите во живо, гледачите ќе можат да следат и специјални емисии, анализи и изјави од тренерите и актерите на теренот пред и по натпреварите.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×