Хамрун беше елиминиран од квалификациите по поразот од 1-2 против НСИ Рунавик, но натпреварот го одбележа контроверзна судиска одлука која експресно се прошири на социјалните мрежи.
Во самиот финиш од средбата судијата досуди пенал за гостите, иако топката претходно очигледно ја имаше минато гол-аут линијата. Фудбалерите на Хамрун веќе се подготвуваа да го изведат гол-аутот, а еден од нив ја фати топката со рака, убеден дека играта е прекината. Арбитерот не забележа дека топката излезе надвор од теренот и, верувајќи на реакциите на противничките играчи, покажа на белата точка поради играње со рака. НСИ ја искористи шансата и стигна до победа.
Со триумфот од 2-1, тимот од Фарските Острови обезбеди пласман понатаму со вкупни 3-2, додека Хамрун го заврши европскиот настап по една од најконтроверзните судиски одлуки на стартот од квалификациите.