Два европски натпревари во Скопје: Шкендија си ја заврши работата, Силекс носи предност против лидерот на Белорусија!

by Стефан
1 минути читање

Денеска на програмата се двата реванш натпревари на Силекс и Шкендија во првото квалификациско коло од Конференциската лига во кои македонските екипи носат предност од првите дуели.

Шкендија практично си ја заврши работата уште на Гибралтар каде што не дозволи никакво изненадување и против аутсајдерот Европа славеше со 5-0 и не се очекува дека Гибралтарците на Арената „Тодор Проески“ вечерва можат да направат некакво чудо и да ја загрозат убедливата предност на тетовскиот состав.

Многу потешка задача се очекува да имае Силекс кој во Бугарија на првиот натпревар го победи многу посериозниот противник Динамо Минск со 1-0. Херој на кратовчани во натпреварот во Стара Загора беше засилувањето Хусакиќ кој од пенал го постигна единствениот гол на натпреварот.

Силекс својот натпревар ќе го игра на тренинг-центарот „Петар Милошевски“ на кој ќе има поддршка од своите навивачи бидејќи трибините се распродадени. Сепка, белорускиот состав ќе ја има улогата на благ фаворит.

Според тренерот Васоски проблем за неговиот состав може да биде натпреварувачкиот ритам на противникот.

„Противникот е во подобра форма од нас. Имаат одиграно 15 натпревари во првенството и се лидери на табелата. Ние немаме таков ритам, но веруваме дека можеме да се пласираме во следното коло“, изјави Васоски на вчерашната прес-конференција.

Двата натпревари се играат во 20:00 часот, а дуелот на Силекс ќе може да се следи и во директен пренос на Арена М1 Премиум.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×