ФИФА се соочува со нов бран критики пред стартот на Светското првенство во САД, Канада и Мексико, откако донесе одлука да не биде дозволено внесување шишиња со вода на стадионите за време на натпреварите.
Светската куќа на фудбалот ја образложи мерката со безбедносни причини и потребата да се спречат можни инциденти на трибините, но голем дел од навивачите и организациите кои ги застапуваат нивните права не се убедени во ваквото објаснување.
Според критичарите, вистинската причина е комерцијална, односно да се зголеми продажбата на пијалоци од официјалните партнери и спонзори присутни на стадионите.
Негодувањата се уште погласни ако се земе предвид дека натпреварите ќе се играат во летниот период и во услови на високи температури. Организации за заштита на навивачите предупредуваат дека ваквата одлука може да предизвика сериозни проблеми, особено кај гледачите кои ќе поминат повеќе часови на стадионите.
Тие сметаат дека здравјето и безбедноста на фановите треба да бидат приоритет и ја обвинуваат ФИФА дека финансиските интереси ги става пред потребите на љубителите на фудбалот.