Манчестер Сити продолжува активно да работи на засилувањата за следната сезона, а раководството веќе разгледува повеќе опции за средниот ред.
Англиските медиуми пренесуваат дека „граѓаните“ испратиле понуда за Елиот Андерсон, но Нотингем Форест веднаш ставил до знаење дека нема намера лесно да се раздели со еден од своите најважни фудбалери. Од клубот би размислиле за продажба само доколку пристигне понуда вредна над 115 милиони евра. Според информациите на Фабрицио Романо, Манчестер Сити нема да се откаже од обидите да го ангажира англискиот репрезентативец, но паралелно работи и на резервни решенија.
Меѓу главните алтернативи се наоѓа Сандро Тонали, кој во изминатите сезони се етаблираше како еден од клучните играчи на Њукасл. Италијанскиот репрезентативец пристигна од Милан во летото 2023 година во трансфер вреден околу 61 милион евра и брзо стана незаменлив дел од тимот.
Сепак, евентуалниот трансфер на Тонали нема да биде едноставен бидејќи интерес за неговите услуги покажува и Арсенал. Конкуренцијата од лондонскиот клуб би можела дополнително да ја зголеми цената и да ја искомплицира трката за потписот на италијанскиот играч за врска.