Голем број на извори од Италија пренесоа дека пропаднале преговорите помеѓу Јувентус и Душан Влаховиќ, двете страни не успеале да пронајдат компромис, па Србинот беспари ќе ја напушти „старата дама“.
Јувентус и Душан Влаховиќ официјално ќе се разделат на 30. јуни, денеска пропадна и последниот обид на двете страни да постигнат договор за продолжување на соработката.
Финансиските барања на напаѓачот се покажале како преголема пречка, Србинот побарал плата од 8 милиони евра по сезона, плус висока провизија за агентот, плус висок бонус за потпис, додека пак „старата дама“ понудила плата од 6 милиони евра по сезона, плус неколку милиони на име на провизии и бонус за потпис.
Па Душан Влаховиќ беспари ќе го напушти Торино, иако клубот во него инвестираше 70+10 милиони евра, што беше една од најголемите зделки кога е во прашање зимскиот преоден рок.
За да го убеди да пристигне во Торино, „бјанконерите“ тогаш му понудија исклучително богат договор, неговата почетна плата изнесуваше околу 7 милиони евра, постепено растеше и во последната сезона достигнуваше дури 12 милиони евра.
Токму ова беше камен на сопнување во преговорите, Душан Влаховиќ требаше да прифати драстично намалување на платата за да остане во Јувентус, нешто на што очигледно тој не беше подготвен.
Што се однесува до неговата иднина, медиумите од Италија пишуваат дека Србинот има неколку опции. Се шпекулира со можно големо предавство и преселба во Наполи, а и Милан се посочува како алтернатива за останување во Серија А.
Но поверојатно е тој да се пресели во странство, каде што ќе може да ги добие парите кои ги бара, а клубовите кои внимателно ја следат неговата ситуација се бројни – Челси, Њукасл, Баерн Минхен, Барселона и Фенербахче.