Во семејството на Кристијано Роналдо има нова причина за славје, откако неговиот внук Динис Переира го направи првиот голем чекор во својата фудбалска кариера. 16 годишниот напаѓач потпиша професионален договор со Виторија Гимараеш и во следниот период ќе настапува за селекцијата до 17 години на португалскиот клуб.
Талентираниот Переира важи за еден од перспективните играчи во својата генерација, а потписот на првиот професионален договор претставува значајна пресвртница во неговиот развој. По овој повод се огласи и сестрата на Роналдо, Катја Авеиро, која со емотивна порака му честиташе на младиот фудбалер.
„На 16 години го потпишуваш својот прв професионален договор. Тоа беше твој сон и јас бев покрај тебе на секој чекор од патот. Имаше солзи, жртви, падови и победи. Никој не може да ни го одземе ова време. Сега иднината е твоја. Летај напред и продолжи да се бориш храбро, како и секогаш. Неверојатно сум горда на тебе, сине“, напиша Катја Авеиро на социјалните мрежи.
Останува да се види дали Динис Переира во иднина ќе успее да го следи патот на својот славен вујко, кој остави неизбришлива трага во светскиот фудбал.