Лионел Меси ќе биде подготвен за настап на Светското првенство, потврди селекторот на Аргентина, Лионел Скалони, откако капитенот ги надмина проблемите со повредата на мускулот.
Постоеше неизвесност околу настапот на аргентинската ѕвезда на Мундијалот, но Меси ги отстрани сите дилеми со настапот на пријателскиот натпревар против Замбија, на кој се запиша и во листата на стрелците. По средбата, Скалони имаше само пофални зборови за својот најдобар фудбалер и порача дека Меси сам ќе одлучува колку ќе биде на теренот.
„Лео ќе игра онолку колку што самиот ќе посака, бидејќи сите добро ги знаеме неговите можности и никого не треба да го изненадува што се наоѓа на своето шесто Светско првенство. Како воопшто би можело тоа да биде изненадување? Она што навистина е изненадувачки е фактот дека со националниот тим освои само четири трофеи. Беше многу блиску да донесе уште две титули од Копа Америка и уште една светска круна“, изјави Скалони.
Аргентина ќе има големи амбиции и на претстојниот Мундијал, а сите погледи повторно ќе бидат насочени кон Лионел Меси, кој и на 39 години останува главниот адут на актуелниот светски шампион.