Еден од најдобрите голмани во историјата на Мексико, Гиљермо Очоа, ќе испише историја на претстојното Светско првенство.
Искусниот чувар на мрежата се најде на конечниот список на селекторот Хавиер Агире и ќе стане првиот мексикански фудбалер со настап на шест Мундијали.
Со овој подвиг, 40-годишниот Очоа ќе им се придружи на Лионел Меси и Кристијано Роналдо меѓу рекордерите по бројот на учества на светските шампионати. Притоа ги надмина легендите на мексиканскиот фудбал Антонио Карбахал, Андрес Гвардадо и Рафа Маркез, кои настапија на пет Светски првенства.
Очоа беше дел од Мексико уште на Мундијалот во Германија во 2006 година, а фановите особено го паметат по блескавите партии против Бразил во 2014 година, рекордниот број одбрани во Русија во 2018 година и одбранетиот пенал на Светското првенство во Катар во 2022 година.
Сепак, ветеранот овојпат не се очекува да биде прв избор меѓу стативите. Според најавите, предност ќе има Раул Рангел од Чивас, додека Очоа би можел да добие шанса во третото коло од групната фаза против Чешка, доколку Мексико дотогаш обезбеди место во нокаут рундата.