Тетекс и наредната сезона ќе настапува во Втората македонска фудбалска лига, откако во баражот за опстанок убедливо го совлада Влазними со високи 9-0.
На стадионот во Ѓорче Петров, тетовскиот состав уште од самиот почеток ја оправда фаворитската улога и не му дозволи на противникот да се надева на изненадување. По првото полувреме Тетекс имаше сигурна предност од 3-0, со што практично ги реши сите дилеми околу победникот.
Во продолжението следеше вистинска голеада. Фудбалерите на Тетекс продолжија со офанзивната игра и до крајот уште неколкупати ја затресоа мрежата на Влазними, запишувајќи убедлив триумф со кој го потврдија местото во второлигашката конкуренција.
Да потсетиме, претходно пласман во Втората лига обезбедија Еуромилк, Камјани и Кожуф, кои од следната сезона ќе бидат дел од второлигашкото друштво.