Приказната за ФК Марино: Пред две години, на Бадник покрај бадниковиот оган…

by riste
2 минути читање

Фудбалскиот клуб Марино како прв ја заврши сезоната во општинската лига на Гази Баба и се пласираше во третото по ранг натпреварување.

Марино заврши пред соседот Илинден и наредната сезона ќе настапува во Третата македонска фудбалска лига (ТМФЛ).

Клубот преку социјалните мрежи сподели како настанал овој проект на ФК Марино:

„Пред две години, на Бадник покрај бадниковиот оган, започна приказната на ФК Марино. Без големи ветувања и планови, туку со искрена желба за другарство, спорт и место каде што луѓето ќе се собираат, ќе навиваат и ќе бидат заедно.
Од напуштени клубски простории и услови под секое ниво, со многу труд, работа и љубов создадовме клуб кој денес е гордост на цело Марино.
Во првата сезона бевме блиску до 3та лига, но неискуството нè сопре. Не се откажавме. Таа болка нè направи посилни.
Денес, само две години подоцна, ФК Марино влегува во 3та лига без ниту еден пораз во сезоната и со 31 натпревар по ред без пораз. Ова е резултат на карактер, заедништво, дисциплина и огромна љубов кон клубот.
Благодарност до играчите, навивачите, спонзорите, градоначалникот Александар Георгиевски, Општина Илинден, ОФС Гази Баба предводен од Дарко Костовски и сите спортски работници и луѓе кои на било каков начин придонесоа за оваа приказна.
Во овие две години направивме и грешки, носевме и погрешни одлуки, но од сè учевме и растевме. Никој од нас немаше искуство во ова, но секој влезе со чиста намера, искрена желба за напредок и љубов кон клубот.
Ова не е успех на поединец.
Ова е успех на цело Марино.
Да живее ФК Марино!“
, објави клубот.

Тренерот на ФК Марино, Дејан Миленковски – Карпа најави дека оваа успешна сезона е само почеток на нешто големо.

„Пред сѐ, сакам искрено да им се заблагодарам на управата на клубот за довербата што ми ја дадоа да бидам главен тренер на ФК Марино. Овој успех не е успех на еден човек, туку на цел клуб, на сите играчи кои оставија срце на терен, на стручниот штаб, поддржувачите, навивачите и секој еден кој на било каков начин придонесе ФК Марино денес да биде дел од 3та лига.
Зад нас е сезона исполнета со многу работа, одрекувања и фер и коректна борба до самиот крај. Покажавме карактер, заедништво и победнички дух кога беше најпотребно. Горди сме што достоинствено го претставувавме клубот и местото од кое доаѓаме.
Ова за нас не е крајна цел, туку само почеток на нешто поголемо. Амбициите на клубот се јасни – стабилен развој, создавање силен и организиран тим и чекор по чекор градење на уште посериозна приказна за ФК Марино.
Им честитам и на сите противници за коректната сезона и посакувам фудбалот секогаш да се игра во духот на фер-плејот, почитта и спортската борба.
ФК Марино заслужува да расте, а ние ќе продолжиме да работиме максимално посветено за уште поголеми успеси во иднина“,
изјави Карпа.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×