Поделени се признанијата за најдобрите тренери во Англија. Френк Лампард ја доби најпрестижната тренерска награда во Англија, откако беше избран за менаџер на годината во изборот на Здружението на лигашки менаџери (LMA). Поранешниот ас на Челси и англиската репрезентација имаше фантастична сезона со Ковентри Сити, кој го врати во Премиер лигата првпат по сезоната 2000/2001.
„Небесносините“ доминираа во Чемпионшип и ја освоија титулата со дури 11 бодови предност во однос на конкуренцијата, со што ставија крај на 25 годишното чекање за враќање меѓу англиската елита. Признанието познато како награда „Сер Алекс Фергусон“ му го врачи селекторот на Англија, Томас Тухел.
Во конкуренција за оваа награда беа и Микел Артета, кој ја донесе првата титула за Арсенал по 22 години, потоа Пеп Гвардиола од Манчестер Сити, како и Унаи Емери и Андони Ираола.
Шпанскиот ас кој го водеше Арсенал до враќање на тронот беше избран за тренер на сезоната во Премиер лигата. Сепак, најголемото признание заврши кај Лампард, за кого ова е најзначајната индивидуална награда во неговата тренерска кариера.