Фудбалската репрезентација на Босна и Херцеговина ќе биде селекцијата што ќе помине најмногу километри на претстојното Светско првенство, кое за две недели започнува во САД, Канада и Мексико.
Според распоредот на натпреварите и локациите на базните кампови, „змејовите“ ќе треба да изминат околу 5.000 километри, што е најмногу од сите учесници на турнирот.
Патот на Босна и Херцеговина ќе почне со патување од Сент Луис до Торонто за дуелот со Канада, потоа следи преселба во Солт Лејк Сити, па лет кон Лос Анџелес за натпреварот против Швајцарија, враќање повторно во Солт Лејк Сити и на крај патување кон Сиетл за мечот со Катар.
Зад нив на листата се Алжир со околу 4.700 километри и Чешка со 4.500 километри, додека значително помалку ќе патуваат некои од фаворитите. Така, Египет ќе има само 384 километри патување, а Франција околу 537 километри.
И покрај напорниот распоред и долгите патувања, олеснителна околност за селекциите ќе бидат паузите од по шест дена меѓу натпреварите.