Силекс се прости од еден од своите најискусни фудбалери, откако Милош Николиќ го одигра последниот натпревар во професионалната кариера.
Во последното коло од сезоната, 37-годишниот фудбалер за последен пат настапи во дресот на кратовци и официјално стави крај на својата играчка приказна по четири години поминати во клубот.
Николиќ во изминатиот период беше еден од лидерите на тимот и остави значаен белег во Силекс, каде со своето искуство и однос имаше важна улога и на теренот и во соблекувалната. За клубот одигра повеќе од 100 натпревари и беше дел од генерацијата која му донесе успеси на тимот, меѓу кои и трофејот во Купот на Македонија.
Од Силекс му се заблагодарија за посветеноста и придонесот во клубот, посакувајќи му многу успех и среќа по завршувањето на фудбалската кариера.