Грчката спортска јавност е во шок по веста за тешката сообраќајна несреќа на поранешниот репрезентативец Мариос Иконому, кој се наоѓа во животна опасност.
Поранешниот дефанзивец на АЕК и неколку европски клубови доживеал сериозна несреќа во Јанина, кога мотоциклот што го управувал се судрил со автомобил. Според грчките медиуми, 34-годишниот Иконому се здобил со тешки повреди на главата и веднаш бил пренесен во болница.
Лекарите извршиле итна операција, но неговата состојба и понатаму е критична. Иконому во моментов се наоѓа на интензивна нега, а следните часови ќе бидат клучни за неговото закрепнување. Веста предизвика голема тага кај навивачите во Грција, особено кај симпатизерите на АЕК, каде дефанзивецот остави силен белег во својата кариера.
Иконому се пензионираше во 2024 година по настапите за Панаитоликос, а во текот на кариерата играше и за Болоња, Копенхаген, СПАЛ, Бари, Каљари и ПАС Јанина.