Тренерот на Силекс, Александар Васоски беше пресреќен по освоениот трофеј во Купот на Македонија, откако кратовци во финалето ја совладаа Шкендија со 1-0.
Васоски призна дека неговиот тим свесно му ја препуштил иницијативата на противникот, но нагласи дека сѐ било дел од тактичкиот план кој на крајот донесе успех.
„Според очекувањата, вечерашниот натпревар беше тежок. Шкендија можеби беше подобар противник во поле, но тоа беше дел од тактиката. Не може секој натпревар особено на ваков важен меч да се игра атрактивно. Одигравме како што се договоривме. Свесно го префрливме Додев на левата страна, да направи вишок и успеавме во тоа, дадовме гол на време и сметам заслужено го освоивме Купот. Им честитам на момците, ако минатата за малку ни избега трофејот во шампионатот, оваа година го земавме Купот што е голем успех за нас“, изјави Васоски.
Стратегот на Силекс откри дека планот бил тимот да биде цврст во одбраната, а решавачкиот удар да следува во второто полувреме.
„Ова не беше најдобар натпревар на Силекс сезонава, но првично се договоривме да ги затвориме сите приод и после 60-та минута да удриме со силно оружје. Затоа можеби Мирчевски остана на клупата, но токму во тие мигови кога се одлучуваше мечот поентиравме“, додаде Васоски.
Силекс го освои четвртиот пехар во Купот на Македонија.