Извршниот директор на Саутемптон, Фил Парсонс, објави соопштение во кое истакна дека клубот поднел жалба поради одлуката да бидат исфрлени од финалето од плејофот за место во Премиер лигата.
Паронс ја признава грешката која ја направил клубот и им се извини навивачите.
„Поднесовме жалба на вчера донесената одлука на Независната дисциплинска комисија со која Саутемптон е исфрлен од финалето на плејофот на Чемпионшип и му се одземаат четири бода за сезоната 2026/27. Пред да ја објаснам поднесената жалба, сакам директно и без задршка да им се обратам на нашите навивачи и на пошироката фудбалска заедница. Она што се случи е погрешно. Клубот призна прекршување на правилникот на Англиската фудбалска лига, по член 3.4 и 127. Жалиме што во ова се вмешани и други клубови, а најмногу жалиме за навивачите на Саутемптон кои со својата лојалност и поддршка заслужија подобро“, истакнува тој.
Кога во прашање е казната, Паронс смета дека е неправедна и според финансиските загуби кои може да ги претрпи клубот ја нарекува најголема во историјата на англискиот фудбал.
„Што се однесува до самата жалба: прифаќаме дека треба да бидеме казнети. Она што не можеме да го прифатиме е казна која не одговара со прекршокот. Додека Лидс беше казнет со 200.000 фунти за сличен прекршок, на Саутемптон му се одзема можноста да се натпреварува во натпревар вреден повеќе од 200 милиони фунти, натпревар кој многу значи за нашиот персонал, играчи и навивачи. Финансиските последици од вчерашната одлука ја прават оваа казна најголема изречена санкција во англискиот фудбал“, порачува меѓу другото директорот на „светците“.
Со вчерашната одлука Миделсброу кој го загуби двомечот со Саутемптон е вратен во финалето и според сегашната ситуација, ако нема нов пресврт викендов треба да го игра финалето против Хал за место во Премиер лигата.