Во изминатите денови Жозе Мурињо речиси и да го преселија на клупата на Реал Мадрид, но португалскиот стратег тврди дека засега нема ништо конкретно околу неговото евентуално враќање во шпанскиот гигант.
Легендарниот тренер моментално ја предводи Бенфика, а според неговите зборови, постојат реални шанси да остане во Лисабон и следната сезона.
„Не знам ништо за мојата иднина. Кога ќе знам, ќе кажам. Постои можност да останам, да. Моја желба е во наредната недела да видам што имам пред себе. Објективно, имам понуда од Бенфика за продолжување на договорот и благодарен сум и за тоа, исто како што сум благодарен за шансата што ја добив да ја водам Бенфика пред неколку месеци“, изјави Мурињо.
Тој додаде дека во изминатиот период не сакал да се занимава со шпекулации околу својата иднина.
„Во последните недели не сакав да зборувам за тоа што се пишува и што не се пишува. Никој од нас не е наивен“, порача искусниот Португалец.
Мурињо призна дека „очигледно нешто постои“, но потенцираше дека во моментов нема никакви официјални контакти со Реал Мадрид.
„Очигледно е дека нешто постои, но како што кажав, ништо не е потпишано. Нема договор на маса, нема разговори меѓу мене и претседателот на Реал Мадрид, ниту со некој важен човек од структурата на клубот. Во моментов единствената реална и конкретна работа е понудата од Бенфика за продолжување на соработката“, истакна Мурињо.