Италијанскиот офанзивец Стефан Ел Шарави потврди дека по завршувањето на сезоната ќе стави крај на својата епизода во Рома, клуб во кој остави длабока трага во текот на две различни периоди од вкупно десет години.
Ел Шарави во Рим пристигна во 2016 година од Милан, а меѓу 2019 и 2021 година настапуваше во Кина, каде го носеше дресот на Шангај Шенхуа.
Поранешниот репрезентативец на Италија, кој своевремено ја одби можноста да игра за Египет за да настапува за „аѕурите“, до навивачите на Рома се обрати со емотивна порака.
„Постојат места што стануваат дом, а да не сте ни свесни за тоа, а потоа еден ден сфаќате дека тоа било многу повеќе, луѓе, емоции, живот. За мене овие 10 години беа токму тоа. Дојдов со соништа, амбиции и силна желба да се докажам. Заминувам со полно срце, исполнет со спомени, заеднички битки, големи радости, но и тешки моменти кои ме направија посилен. На теренот и надвор од него.
Во овој клуб најдов искрена наклонетост, почит и чувство на припадност кое оди подалеку од фудбалот. Секогаш се трудев да го почитувам овој дрес на најавтентичен начин, давајќи сè од себе секој ден. Заедно испишавме важни поглавја, меѓу кои и освојувањето на меѓународен трофеј кој засекогаш ќе остане дел од мене. Носењето на капитенската лента беше огромна чест и привилегија. Како и секоја приказна и оваа има крај“, порача Ел Шарави.