„Адидас“ подготвува вистинско изненадување за љубителите на фудбалската носталгија, откако според најавите во 2027 година ќе лансира ретро дрес на поранешната репрезентација на Југославија.
Станува збор за дел од популарната „Ориџиналс“ линија на германскиот бренд, па на дресот повторно ќе се најдат препознатливото лого со детелината и историскиот грб на тогашната репрезентација.
Иако засега нема официјална потврда кој модел ќе биде избран, најавите се дека инспирацијата ќе дојде од култните гарнитури кои Југославија ги носеше во деведесеттите години.
Посебно се издвојуваат дресовите од Светското првенство во Италија во 1990 година, кога Југославија стигна до четвртфиналето, а специфичниот геометриски дизајн остана еден од најпрепознатливите фудбалски изгледи од тој период.
Според информациите, ретро дресот во продажба би требало да се појави во текот на 2027 година.