Вардар со 2-1 триумфираше над Силекс, но ќе почека за заверка на шампионската титула, бидејќи денеска славеше и Шкендија, тие со 3-1 беа подобри од Струга, Пелистер со 7-0 го совлада Шкупи.
Цветковиќ на почетокот од мечот погоди за водство на Вардар од 1-0, а брзо потоа црвено-црните зголемија на 2-0 со гол на Закариќ од пенал.
По осум минути игра во вториот дел Силекс намали со гол на Бутуровиќ.
Во продолжението Вардар пропушти неколку шанси да дојде до поубедлива победа, но најважно за нив е што целта е остварена, трите бода се освоени.
Вардар можеше денеска да биде крунисан за шампион, но за тоа да не се случи се погрижи Шкендија која со 3-1 славеше над Струга.
Шкендија поведе со гол на Красниќи, а Јевтоски изедначи на 1-1. Но до крајот на првиот дел Ислами ја врати предноста за тетовскиот тим.
Во вториот дел погоди Мазари за конечен резултат 3-1.
Пелистер имаше лесна задача против Шкупи, победи со 7-0.
На Вардар во преостанатите два меча му треба само еден бод за и официјално да стане Шампион. Во следното коло гостува кај Струга, а во последното е домаќин на Шкендија.