Голема чест: Македонец ќе биде кондиционен тренер најдобрите европски судии!

by Стефан
2 минути читање

Maкедонецот Сашо Даневски доби голема чест од страна на УЕФА официјално е назначен за главен фитнес тренер на елитните судии во Европа.

Со ова назначување, Даневски на 1. јули ќе ја преземе одговорноста за физичката подготовка, мониторингот и развојот на елитните судии на УЕФА, како и лидерска улога во координацијата на кондиционите тренери од 55-те национални асоцијации членки на УЕФА.

Во изминатите години, Даневски континуирано и посветено ја градеше својата меѓународна кариера во системот на УЕФА. Неговиот професионален пат започна како асистент тренер на курсеви за млади и талентирани судии, по што следуваше активно учество на летни и зимски семинари за елитни судии, програмата Talent & Mentor, како и самостојно водење повеќе месечни курсеви и специјализирани тренинг-активности.

На три последователни работилници Даневски беше ангажиран како инструктор за националните кондициони тренери, а неговата експертиза беше потврдена и преку ангажманот на двете големи европски натпреварувања, UEFA EURO 2024 и UEFA Women’s EURO 2025, каде што беше дел од турнирите до самата завршница.

Веќе подолг период Даневски е одговорен за индивидуални анализи од реализираните семинари со најдобрите европски судии, анализа на натпревари, како и за подготовка и реализација на комплексни тренажни содржини насочени кон носење судиски одлуки под притисок и во услови на висок физички интензитет.

До овој момент, Сашо Даневски директно учествувал во успешната реализација на 33 семинари и работилници на УЕФА, додека како експерт на Фудбалската федерација на Македонија бил ангажиран и во спроведување национални семинари во Швајцарија, Србија, Црна Гора и Саудиска Арабија.

Ова назначување претставува огромно признание за Даневски, но и за Фудбалската федерација на Македонија, македонската судиска организација и стручниот кадар кој сè повеќе се позиционира на највисоко европско ниво.

Особено значајна во овој процес е континуираната поддршка што судиската организација на Фудбалската федерација на Македонија ја добива од претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ. Со јасна визија, отворен пристап и целосна институционална поддршка, првиот човек на македонскиот фудбал овозможува непречен прогрес, професионален развој и создавање услови за унапредување на судискиот кадар на национално и меѓународно ниво. Ваквиот пристап претставува важна основа за понатамошно позиционирање на македонската судиска организација во европските фудбалски структури.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×