Шкендија нема право на грешка против Силекс во Кратово

by 24 фудбал
2 минути читање

Денеска на програмата се два натпревари од 30. коло во Прва македонска фудбалска лига.

Шкендија гостува кај Силекс во Кратово, во дуел во кој тетовци немаат право на нов кикс по поразот од Башкими. Тимот мора да победи и истовремено да чека кикс на Вардар во трката за титулата. Од друга страна, домаќинот секогаш се бори за бодовите кога игра дома.

Не очекува еден добар натпревар против квалитетен противник како што е Шкендија. Иако шансите за тоа трето место се минимални, ние на секој натпревар ќе играме како до сега, и ќе одиме на победа. Секако дека фокусот ни е во Купот, но и во првенството сакаме да освоиме што повеќе бодови. Шкендија е во трка за титулата, но нас тоа не ни значи ништо. Гледаме само за нас, и на секој натпревар до крајот, без разлика на противникот, ќе се надигруваме и ќе се обидеме да освоиме што повеќе бодови“, изјави капитенот Дарко Ангелески.

Силекс, и покрај поразот од Струга во минатото коло, важи за незгоден противник на домашен терен, па Шкендија ја очекува тешко гостување.

Искрен да бидам, разочарани сме од последниот меч од Башкими. Не го заслуживме тој пораз, но нема запирање. Мораме да преземеме одговорност, да покажеме карактер и веднаш да реагираме против Силекс. Пред нас имаме незгоден противник, особено кога игра на свој терен во Кратово. Не очекува тежок меч. Добро ги анализиравме грешките од минатото, и мораме да влеземе во мечот со 100% концентрација. Фокусирани сме само на нашиот тим. Сите играчи се обединети и ќе го дадат максимумот за овој клуб. Нашата цел е јасна, а тоа е до последното коло да се бориме и да дојдеме до титулата“, изјави македонскиот репрезентативец Имран Фетаи.

Во вториот меч, Шкупи се соочува со Македонија ЃП, каде гостите важат за фаворити. Двата натпревари стартуваат од 16:00 часот.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×