Сѐ поизвесно е дека Пауло Дибала ќе ја напушти Рома на лето, кога му истекува договорот со римскиот клуб.
Еден од технички наталентираните фудбалери во италијанската Серија А во последната деценија, според аргентинските медиуми, одлучил кариерата да ја продолжи во Бока Јуниорс. Истата информација ја пренесе и „ЕСПН“, наведувајќи дека Дибала веќе постигнал договор со славниот клуб од Буенос Аирес.
Во актуелната сезона, Дибала има учинок од три гола и четири асистенции на 23 настапи за Рома. Аргентинецот во кариерата настапуваше уште за Институто, Палермо и Јувентус, а од 2022 година е дел од Рома.
Со Јувентус освои пет титули во Серија А, четири трофеи во Купот на Италија, играше и финале во Лигата на шампионите, додека со репрезентацијата на Аргентина стигна до светската титула во 2022 година.
Покрај тоа, дури четири пати беше избран во идеалниот тим на Серија А.