Струга Трим Лум денеска го пречекува Силекс на домашен терен и ќе се обиде да го подобри ефектот кога се во прашање натпреварите пред својата публика во натпревар од 29 коло на ПМФЛ.
Стружани посакуваат победа пред своите фанови, бидејќи загубија од Тиквеш и Работнички. Пред натпреварот своите очекувања ги сподели Басиру Компаоре.
„Подготвени сме за добар натпревар и се надеваме дека ќе ги освоиме трите бода. Во последниот период имавме лоши настапи пред домашните гледачи и мислам дека им должиме едно квалитетно издание. Верувам дека ќе одиграме на потребното ниво и дека на крајот ќе се радуваме“, изјави напаѓачот.
Од друга страна, од таборот на Силекс зборуваше Дарко Додев, кој кажа:
„Неслучајно Силекс во последните две години покажува карактер и се бори за врвот на табелата. Не сме таму каде што сме случајно, и сега ќе се обидеме да се пласираме што е можно погоре на табелата. Имаме и реванш во Купот, што е многу важен натпревар за нас, меѓутоа сега треба да мислиме како против Струга да изненадиме и да дојдеме до три бода. Во добра серија сме, играме добро, сега само така треба да продолжиме, да ја наметнеме нашата игра, и нормално, доколку видиме шанса да дојдеме до триумф, тогаш ќе треба да ја искористиме и да стигнеме до нова победа“.
Натпреварот меѓу Струга и Силекс се игра во терминот од 13:00 часот.