Атлетико Мадрид запиша значајна победа над Атлетик Билбао со 3-2 во заостанатиот меч од 32. коло во Ла Лига и тоа по драматичен пресврт пред своите навивачи. Тимот на Диего Симеоне мораше да вложи сериозен напор за да стигне до трите бода, особено во пресрет на важниот полуфинален дуел во Лигата на шампионите против Арсенал.
Гостите од Баскија влегоа подобро во натпреварот и први се заканија преку Горка Гурусета, а иницијативата ја претворија во водство во 23. минута. По корнерот на Ињиго Галјарета, Аитор Паредес највисоко скокна и со глава го совлада Јан Облак за 1-0.
Во второто полувреме следеше експресен одговор од домаќините. Антоан Гризман во 49. минута израмни по брза акција, а само пет минути подоцна Александер Серлот реализираше контранапад за целосен пресврт. Атлетико потоа ја презеде контролата врз играта, а победата ја завери токму Серлот во судиското продолжение по асистенција од Науел Молина. Во самиот финиш, Гурусета намали на 3-2, но без да внесе неизвесност околу конечниот исход.
Со овие три бода, Атлетико Мадрид се искачи на четвртата позиција со 60 бодови, додека Атлетик Билбао останува на деветтото место со 41. Победата доаѓа во идеален момент за составот на Симеоне, кој со зголемена самодоверба ќе го дочека европскиот предизвик.