Од Фудбалскиот сојуз на Босна и Херцеговина соопштија дека сите билети за претстојниот натпревар против Македонија се целосно распродадени.
Дуелот ќе се одигра на стадионот „Асим Ферхатовиќ Хасе“ во Сараево, кој поради проблеми со статиката нема да биде исполнет до последното место, но се очекува голема посетеност и силна атмосфера на трибините.
Претходно од сојузот информираа дека се продадени околу 22.000 влезници, а денеска и официјално е затворена продажбата.
За навивачите на БиХ, ова ќе биде и посебна прилика да ја испратат репрезентацијата пред настапот на Светското првенство, бидејќи натпреварот со Македонија ќе биде последен на домашен терен пред Мундијалот.
Како „генерална проба“ се споменува и можноста за уште еден контролен меч во САД, најверојатно против селекцијата на Панама.
На Светското првенство, Босна и Херцеговина ќе настапи во група со Швајцарија, Канада и Катар.