Јувентус би во претстојното лето можел да добие големо засилување без обештетување бидејќи според последните информации клубот од Торино е фаворит за потписот на Бернардо Силва.
31-годишниот фудбалер официјално потврди дека на крајот од сезоната ќе го напушти англискиот шампион, ставајќи крај на деветгодишната успешна етапа исполнета со бројни трофеи. Неговата желба е да се прости со титула, а Сити во моментов е лидер на табелата, благодарение на подобрата гол-разлика во однос на Арсенал, со кој води жестока трка за шампионскиот пехар.
Доколку ја освои титулата, Силва ќе го напушти клубот со импресивна колекција, седум титули во Премиер лигата, две во ФА Купот, пет во Лига купот, како и трофеи во Лигата на шампионите, Светското клупско првенство и три Комјунити Шилд. Покрај тоа, има шанса сезонава да додаде уште еден ФА Куп.
Интересот на Јувентус за негов ангажман не е нов, но според најавите, преговорите влегуваат во завршна фаза. Италијанските медиуми пренесуваат дека „Старата дама“ во моментов е главен фаворит за неговиот потпис, а во наредните денови се очекува клучна средба која би можела да донесе конечна одлука.