Македонската фудбалска репрезентација на 29 мај ќе одигра пријателски натпревар против Босна и Херцеговина, а интересот за оваа средба веќе е исклучително голем, информираат од тамошниот фудбалски сојуз.
До овој момент се продадени околу 22.000 билети за натпреварот што ќе се игра на стадионот „Асим Ферхатовиќ Хасе“ во Сараево, чиј капацитет изнесува 34.000 места. Сепак, поради претходно посочени проблеми со статиката, арената нема да може да биде исполнета до последното седиште.
Големиот интерес кај домашната публика се должи и на фактот што ова ќе биде еден вид испраќање на репрезентацијата пред настапот на Светското првенство во САД. Според најавите, Босна и Херцеговина најверојатно ќе одигра уште еден контролен натпревар пред Мундијалот, но на американско тло против Панама.
Светското првенство стартува на 11 јуни, а Босанците ќе се натпреваруваат во група заедно со селекциите на Канада, Катар и Швајцарија.