Џуд Белингем го прошири својот бизнис надвор од фудбалот и според информациите на британските медиуми тој купил 1% од акциите на крикет франшизата, Бирмингем феникс.
Вредноста на зделката се проценува на околу 800 илјади фунти (приближно 920.000 евра). Белингем откупил 0,5% од уделот на Ворвикшир (51%) и дополнителни 0,5% од американската инвестициска група „Knighthead Investment Management“, која минатата година плати 40 милиони фунти за 49% од сопственоста.
„Knighthead“ е воедно и сопственик на фудбалскиот клуб Бирмингем, каде што Белингем ја почна својата кариера, пред како 16-годишник во 2020 година да замине во Борусија Дортмунд, а потоа во 2023 година да потпише за Реал Мадрид.
Интересно е што Белингем уште како дете бил голем љубител на крикетот. Играл во клубот „Хегли“ од Ворчестершир, а претседателот Марк Бејкер уште во 2024 година изјави дека Џуд „од мали нозе бил природно роден крикетар“.
Тој ја истакна неговата координација и талент, и покрај тоа што поради фудбалот немал многу време за крикет. Бејкер дури смета дека Белингем, доколку се посветел на овој спорт, „можел да стигне многу далеку“.
Меѓу малцинските инвеститори и советници во управата на клубот е и легендарниот НФЛ-квотербек Том Брејди.