Втор пораз за надежите во Струмица, Турција беше пресилна

by Стефан
1 минути читање

Младинската репрезентација на Македонија до 16 години го запиша и вториот пораз на развојниот турнир во Струмица, кој се одржа под покровителство на УЕФА.

Избраниците на селекторот Иљами Исејни овојпат беа поразени од Турција У16 со убедливи 4:0.

Гостинската селекција рано го отвори резултатот, уште во 11. минута, по грешка во одбраната и несигурна реакција на голманот, по што топката заврши во македонската мрежа. Само шест минути подоцна, Идван Харман зголеми на 2:0, а во 29. минута повторно се запиша меѓу стрелците за убедливи 3:0.

До крајот на првото полувреме Македонија имаше шанса да намали, но ударот на Дардан Адеми заврши покрај стативата. Во второто полувреме следуваа уште неколку пропуштени можности. во краток период не беа искористени две изгледни шанси.

Во 57. минута, Стефан Ристиќ излезе сам пред противничкиот гол, но не успеа да го совлада голманот, а одбраната на Турција навреме интервенираше. Веднаш потоа и Велески се обиде со силен удар од дистанца, но противничкиот чувар на мрежата беше на висина на задачата.

Казната за пропуштените шанси стигна во 67. минута, кога Берат Кадир Јавуз го постигна четвртиот гол за Турција.

До крајот, македонските фудбалери имаа уште една можност барем за почесен погодок, но ударот на Ристиќ заврши покрај голот.

Во вториот натпревар од последното коло, Узбекистан У16 ја совлада Северна Ирска У16 со 3:2.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×