Тренерот на Интер, Кристијан Киву реши повторно да се мајтапи и порача дека сега конечно можат да се фокусираат на други работи откако е обезбеден пласман во Лигата на шампиони.
Кристијан Киву минатата недела изјави дека пласман во Лигата на шампиони е главната цел на Интер, провокација наменета за неговите колеги Антонио Конте и Макс Алегри, кој често ја повторуваа оваа фраза во текот на сезоната.
Со киксот на Комо против Сасуоло, Интер и математички го обезбеди топ четири пласманот, па и покрај тоа што „нероаѕурите“ со триумфот над Каљари направија нов чекор кон Скудетото, Кристијан Киву реши повторно да се мајтапи.
„Знаеме колку труд вложивме и што се направивме за да дојдеме до ова ниво, па фала му на Бога што ја постигнавме целта – пласман во Лигата на шампиони на пет натпревари пред крајот“ – рече тренерот на Интер.
„Па сега можеме да гледаме напред и да бидеме конкурентни до самиот крај“.
На пет кола до крајот на сезоната, Интер има сигурни +9 на врвот, разликата може и да се зголеми доколку Наполи киксне денеска против Лацио.
Кристијан Киву потоа уште еднаш изненади со својот коментар, овој пат на прашање дали можел да ја види вербата во очите на своите играчи во соблекувалната.
„Ретко ги гледам во очите, тие постојано гледаат надолу во своите телефони. Ги викам „генерација со една рака“, во едната рака секогаш држат телефон, а со другата се занимаваат со се друго…“