Барса официјално и пиша на УЕФА и ја побара „главата“ на Ковач

by bojan
1 минути читање

„Каталонците“ соопштија дека испратиле допис до УЕФА, бараат истрага за спорните одлуки на синоќешниот натпревар против Атлетико Мадрид како и „главата“ на судијата Ишван Ковач.

Барселона синоќа загуби со 0-2 од Атлетико Мадрид во првиот натпревар во четвртфиналето во Лигата на шампиони, но „каталонците“ се жалат дека на овој пораз кумувал судијата Ишван Ковач со неколку спорни одлуки.

Клубот од Камп Ноу смета дека Коке требал да добие втор жолт картон и да биде исклучен, стартот на Кубарси не бил за црвен и имало пенал за играње со рака на Пубиљ.

Попладнево, Барселона испрати и допис до УЕФА, но во него фокусот е само на еден инцидент, оној од 54. минута кога Пубиљ ја фати топката со рака по додавање од голманот Мусо.

Во жалбата се вели дека сличен инцидент веќе се случил во Лигата на шампиони (на мечот помеѓу Клуб Бриж и Астон Вила), па кога веќе е направен преседан, европската куќа на фудбалот не може да говори дека судиските практики се разликуваат во други натпреварувања.

„Побаравме истрага, пристап до комуникацијата на судијата, и ако треба, официјално признавање на грешка и соодветни санкции“ – се вели во дел од соопштението од кое јасно станува дека се бара „главата“ на судијата Ковач, кој според одредени извори веќе нема да суди во Лигата на шампиони оваа сезона.

Барса исто така смета дека ова не е прв пат да бидат жртва на неправда, па во продолжението од соопштението се вели: „Во последните неколку сезони често бевме оштетени од чудни судиски одлуки, па ставени сме во нерамноправна позиција во однос на другите клубови“.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×