Тренерот на торински Јувентус, Лучано Спалети, зборуваше за тешкиот пораз низ кој минува италијанскиот фудбал и призна дека не му е лесно.
Поразот во Зеница кој значеше дека Италија ќе остане и третпат во низа без пласман на Мундијал тешко му паднал на искусниот стратег.
„Многу тешко го поднесов тоа“, изјави Спалети.
Во своето искрено излагање, тој се потсети и на легендарниот Џенаро Гатузо.
„Се колнам, кога заврши натпреварот, помислив на Гатузо. Тој е човек полн со емоции и се запрашав како би реагирал во таква ситуација, на тој стадион и под таков притисок. Искрено, не знам како би се однесувал јас“, рече Спалети.
Тој додаде дека целата ситуација го погодила до таа мера што се повлекол од јавноста.
„Неговото заминување ме скрши. Немав сила да зборувам за фудбал, практично се повлеков и се сокрив од разочарувањето. Во такви моменти е тешко да останеш рационален“, призна тој.
Спалети се осврна и на перцепцијата на јавноста и медиумите.
„Да беше резултатот 2:0, веројатно ќе зборувавме сосема поинаку. Мора да бидеме поурамнотежени во оценките и да разбереме дека играчите носат огромен товар во вакви околности“, истакна Спалети.
На крајот, понуди и конкретен предлог за развој на младите фудбалери во Италија, особено преку Серија А.
„Кога секој клуб би морал да има играчи до 19 години во тимот, тоа би ги натерало клубовите повеќе да вложуваат во развојот на младите. Ние во Јувентус би морале да имаме неколку такви играчи, што би отворило простор за нови таленти. Четири млади играчи по тим можеби звучи многу, но доволно е да се појави еден вистински и тоа веќе прави разлика“, заклучи Спалети.