Легендата на Интер и италијанската репрезентација, Џузепе Бергоми испрати остри критики на адреса на поранешниот селектор Џенаро Гатузо поради одлуката да го вклучи Алесандро Бастони во стартниот состав на клучниот меч против Босна и Херцеговина за пласман на Светското првенство.
Бастони на натпреварот заработи црвен картон, по што Италија доживеа пораз и остана без настап на Мундијалот. Според Бергоми, овој момент може сериозно да се одрази врз кариерата на 26-годишниот дефанзивец во Серија А.
Иако важи за еден од најквалитетните стопери и има значајно меѓународно искуство, Бастони направи клучна грешка кога кон крајот на првото полувреме остро стартуваше над Амар Мемиќ, по што беше исклучен.
„За негово добро, ќе мора да ја напушти Италија. Губиме извонреден талент, еден од најдобрите дефанзивци за модерниот фудбал. Многу ми е жал, но мислам дека ќе мора да најде клуб во странство“, изјави Бергоми.
Причината за критиките кон Гатузо е фактот што Бастони штотуку се врати по повреда поради која ги пропушти последните два првенствени натпревари на Интер, но и покрај тоа доби шанса од првата минута и против Северна Ирска и против БиХ.