Капитенот на фудбалската репрезентација на БиХ, Един Џеко, со насмевка се појави на денешната прес-конференција по историскиот пласман на неговата селекција на Светското првенство, носејќи добри вести и за својата здравствена состојба.
Иако во јавноста постоеше страв дека повредата на клучната коска ќе бара хируршка интервенција и ќе го доведе во прашање неговиот настап на Мундијалот, Џеко порача дека такво нешто нема да биде потребно. Тоа значи дека ќе има доволно време да се рехабилитира и да се подготви за најголемата сцена.
„Се надевам дека за месец и пол ќе се вратам на терените“, изјави Џеко.
Според најавите, искусниот напаѓач би требало целосно да биде подготвен пред почетокот на турнирот кој стартува на 11 јуни во САД, Канада и Мексико. Босна и Херцеговина првиот натпревар ќе го одигра на 13 јуни против селекцијата на Канада, додека во групата се наоѓаат уште Катар и Швајцарија.